Актуелниот шампион на Шпанија го доживеа шестиот пораз по ред во шпанското првенство откако вечерва на домашен терен загуби од Тенерифе со 97-98.
Гостите му пружија одличен отпор на фаворизираниот ривал во текот на целиот натпревар и не му дозволија на Реал резултатски да се одлепи. Сепак, се чинеше дека Реал ќе најде начин да победи откако ја зацврсти одбраната во последните минути и направи водство од седум поени во последната минута.
Сепак, следеше неверојатен пресврт. Тенерифе успеа да се врати во натпреварот со серија брзи поени, а херој на големиот триумф беше Хамес Фернандес, кој погоди тројка за водство и победа на само 4,3 секунди до крајот на мечот.
Реал го имаше последниот напад за победа, топката отиде во рацете на Марио Хезоња, но хрватскиот интернационалец промаши шут за триумф, па славјето на гостите можеше да започне. Тенерифе стигна до голем брејк и сега ќе има можност да избори пласман во полуфиналето на шпанското првенство пред своите навивачи за два дена.


