Познатиот спортски новинар и коментатор Един Авдиќ почина денеска на 47-годишна возраст, објавија регионалните медиуми.
Един починал во својот стан, поради проблеми со срцето, објави Радио Сараево. Тој беше еден од најпознатите спортски новинари, коментатори и колумнисти на Балканот, дефинитивно најпознат по неговото известување за кошаркарски натпревари, деталното познавање на НБА и европската кошарка, но и карактеристичниот глас и начин на коментирање поради што беше омилен кај сите кои го сакаа овој спорт. Имаше свои изрази кои ќе останат запамтени и запишани во кошаркарскиот вокабулар за генерациите што доаѓаат.
Дипломирал новинарство на Факултетот за политички науки во Сараево, а пред новинарската кариера активно се занимавал со кошарка во младинските тимови на КК Босна. Својата кариера ја започнал во Федералната телевизија, потоа работел во OBN, каде што стекнал голема популарност како коментатор за НБА лигата, а потоа стана едно од лицата на телевизијата Арена Спорт.
Неодамна, заедно со својот колега Милош Јовановиќ, го водеше популарниот подкаст „Удвајање“, како и сопствената авторска емисија „X&O’s chat“ на Уна телевизија.


