Откако лани учествуваше во А-дивизијата, на Европското првенство во Белград, У18 репрезентацијата на Македонија летово повторно ќе биде во понизок ранг, но со желба и надеж да се врати во елитната конкуренција.
Сега ќе биде со нов селектор, тренерот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ кој првпат ќе биде во ваква улога откако претходно собираше искуство како асистент во други селекции. Со своите резултати со Маџари, 28-годишниот стручњак го заслужи своето место, во надеж дека успесите на клупски ќе ги пренесе и на репрезентативен план.
Македонската репрезентација ќе учествува на Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржи од 24 јули до 2 август во Ријека и Опатија, а Тодоровиќ пред почетокот на циклусот ги пренесува своите очекувања и визијата за она што следува.
„Секако дека имаме визија како ќе изгледа тимот и Европското првенство на кое ќе настапиме. Јас веќе имам искуство како помошен тренер во У20 репрезентацијата и знам што носи тоа во вид на голем број натпревари, секој ден, во високо темпо и со голема борба. Ние ќе се потрудиме како репрезентација која последните години постојано е во битка за А-дивизијата, да ги оствариме своите цели и да ги повториме успесите од претходните генерации“, вели Тодоровиќ.
Оваа генерација пред две години учествуваше на Европското кадетско првенство Б-дивизија што се одржа во Скопје и тогаш само поради полошата кош-разлика во кругот со Естонија и Шведска не се пласира во плејофот, односно четвртфиналето. Во меѓувреме, неколку кошаркари од тој заминаа во странство, некои веќе запливаа во сениорски води, па селекторот смета дека има голем потенцијал во нив.
„Најголем адут на оваа селекција е тоа што кошаркарите долго време играат заедно, некои се во исти клубови, некои не, но секако нив претходните селекции и низ годините развија една тимска хемија и сплотеност. Покрај тоа, одбраната како елемент кој добива првенства што е докажано многупати низ историјата, ќе се обидеме да ја искористиме како наша предност“, додава селекторот.
Пред две години, во оваа категорија, Македонија го оствари најголемиот успех, со титулата на Европското првенство што се одржа во Скопје. Амбициите сега не се ништо помали, но Тодоровиќ смета дека има и друга страна во сето ова.
„Моја примарна цел е да им помогнам на овие кошаркари да влезат во професионалните води и да се однесуваат, размислуваат, да носат одлуки и да живеат како сениорски играчи. Едноставно, колку можам да им помогнам да влезат во тој круг затоа што младинската кошарка со нивните 18 години треба полека да ја забораваат. Покрај тоа, нормално е да се очекува добар резултат затоа што лаже оној кој вели дека не сака да освои титула или да се бори за највисок пласман. И ние ќе одиме со таков менталитет, ова се талентирани момци и мислам дека имаме шанса за пласман во А-дивизијата. Знам дека ќе се бориме до крај, останува да видиме што ќе ни донесе Европското првенство, но ние максимално подготвени ќе отидеме таму“, завршува новиот предводник на јуниорската репрезентација.
Подготовките на оваа селекција почнуваат на 29 јуни, а на 27 и 28 ќе се одржат селективни тренинзи. Планирани се неколку пријателски натпревари со цел што побрзо екипата да се подготви физички, тактички и технички за Европското првенство.
Во стручниот штаб на Тодоровиќ се Дамјан Велјанов и Илија Стамболџиев. На Европското првенство Б-дивизија, Македонија е во групата Д, заедно со Шведска, БиХ, Грузија и Унгарија. Пласман во четвртфииналето обезбедуваат најдобрите две репрезентации од секоја група.


