Задар поведе со 2-1 во финалната серија од хрватското првенство откако славеше на гостувањето кај Цибона со 87-70.
Со тоа, актуелниот шампион го врати брејкот кој загрепскиот тим го направи во првиот натпревар. Цибона се држеше до почетокот на последната четвртина, но финалните десет минути Задар ги доби со 22-11 и го скрши отпорот на аутсајдерот во оваа серија.
Голем придонес во победата имаше македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ кој на теренот помина само 11 минути, но за тоа време постигна десет поени, без промашување од игра (2/2 за два, 2/2 за три). Дури и хрватските медиуми беа изненадени од тоа што тренерот Даниел Јусуп не му даде поголема минутажа со оглед на тоа што одлично го почна натпреварот.
Првата шанса за нова титула, Задар ќе ја има утре вечер кога во Загреб се игра четвртиот меч од серијата.


