Утре ќе се одржат изборите за нов претседател на Реал Мадрид, а денеска шпанското спортско друштво официјално ја заврши најлошата сезона во последните 16 години.
Тоа не се однесува само на кошаркарскиот клуб, туку на сите секции во рамките на Реал бидејќи првпат по 2010 година Реал не успеа да освои ниеден трофеј. Фудбалерите доживеаја тотално фијаско, фудбалерките исто така, а вечерва им се придружија и кошаркарите кои се сензационално елиминирани од Тенерифе во четвртфиналето од домашниот плејоф.
Сезонава кошаркарскиот тим на Реал играше три финалиња: во Суперкупот и Купот на Шпанија и во Евролигата, но доживеа пораз во секое од нив. Во Суперкупот загуби од Валенсија, во Купот од Басконија, а во Евролигата од Олимпијакос. Елиминацијата во домашниот плејоф дојде од осмопласираниот тим по основниот дел од првенството и тоа со два пораза во својата арена.
Сето ова е големо разочарување ако се знае дека вложувањата во кошаркарскиот тим сезонава беа зголемени и Реал имаше буџет од 55 милиони евра, 10 милиони повеќе од минатата година. Меѓу другото, донесен беше и нов тренер – Серџо Скариоло кој имаше огромни успеси како селектор на шпанската репрезентација, но не успеа тоа да го преслика со Реал.
И покрај дебаклот оваа сезона, Флорентино Перез сепак е фаворит на утрешните претседателски избори и најверојатно ќе добие уште еден четиригодишен мандат. Навивачите во текот на сезоната бараа тој да си оди, но веројатно предизвикувачот Енрике Рикелме ќе мора да чека нова шанса да го преземе водството.


