Екипите на Вардар и Вибас се пласираа во финалето од јуниорското првенство на Македонија и утре во меѓусебен дуел ќе се борат за титулата во оваа категорија.
Во драматичното прво полуфинале, Вардар го совлада својот најголем ривал Водно Санс со 95-93 и ќе се бори за третиот трофеј во младинските лиги откако претходно славеше и со помладите пионери (У12) и со кадетите (У16). „Црвено-црните“ имаат исклучително силна екипа во оваа генерација, со неколку кошаркари кои сигурно ќе бидат дел од јуниорската репрезентација претстојното лето. Денеска се истакнаа Рајковски и Ѓорѓевиќ со по 28 поени, но Алексовски со 20, Данев со седум поени и дури 18 скока и Стојановски со 12 поени и 14 скока. Водно Санс го имаше одличниот Филип Сребров кој постигна 28 поени, 10 скока и пет асистенции, како и Миленковиќ кој заврши со 25 поени.
Вибас беше подобар од Феникс со 93-88 во второто полуфинале, потврдувајќи дека и овој клуб добро работи со младинските категории. Цветковски и Илиевски го одбележаа натпреварот, првиот постигна 33, а вториот 30 поени. Ефтимовски го предводеше Феникс со 20 поени, а се истакна и Стојановски со 19 поени и 16 скока.
Финалето во оваа категорија се игра утре од 20:30 часот во салата на Вардар во Кале, а од 18 часот, Водно Санс и Феникс ќе се борат за бронзата.


