По помладите пионери и кадетите, денеска и јуниорите (У18) на Вардар ја освоија шампионската титула во својата категорија.
Во големото финале, една од најсилните селекции на „црвено-црните“ беше подобра од Вибас со 89-86. Натпреварот беше исклучително драматичен до последните секунди, Вибас исто така покажа одлична игра и немаше да биде незаслужено ако на крајот го освоеше златото.
Натпреварот се решаваше буквално во последната минута. На 49 секунди пред крајот, Глигоровски го донесе Вибас во водство од 86-85, во следниот напад Ѓорѓевиќ погоди две слободни фрлања, а потоа Цветковски го имаше клучното промашување, од зицер позиција. Топката дојде кај Рајковски кој беше фаулиран и од линијата за слободни фрлања ја потврди победата на Вардар.

Фантастичен натпревар одигра Дамјан Данев кој постигна 21 поен и 21 скок, но за МВП на завршниот турнир беше прогласен Григориј Ѓорѓевиќ кој заврши со 25 поени, девет асистенции и осум скока. Вибас го имаше фантастичниот Цветковски кој реализира 39 поени и 11 скока за индекс 41, но тоа не беше доволно за победа на неговиот тим.
Со ова официјално заврши сезоната во младинските категории во Македонија. Најуспешен тим и оваа кампања е Вардар кој освои три од петте титули, а по една им припадна на Водно Санс и МЗТ Скопје.


