Кадетската репрезентација на Македонија претстојното лето ќе има нов обид да се врати во А-дивизијата во која помина најдоло време од сите младински селекции.
Нашите кадети ќе играат на домашен терен, во Гевгелија и Скопје, на првенството што ќе се одржи од 6 до 15 август. Селектор на оваа репрезентација ќе биде Дејан Стојановски, македонски стручњак кој е роден и работи во Германија, во академијата на Олденбург каде со кадетската екипа пред две години стана државен првак. Кошаркарската федерација на Македонија одлучи да му укаже доверба со оглед на тоа што станува збор за квалитетен стручњак, особено со младински категории.
Стојановски ги прави последните подготовки пред доаѓањето во Македонија и почетокот на работата со кадетската репрезентација, а ги пренесува своите очекувања во врска со настапот на Европското првенство.
„Сигурен сум дека репрезентацијата ќе биде максимално подготвена, ќе изгледа добро и ќе даде се од себе. Ќе работиме силно, интензивно за да играме брзо и модерна кошарка пред нашата публика. Имаме интересни млади кошаркари, некои од нив играат во странство и сигурен сум дека ќе направам добар баланс. Подготовките ќе ги почнеме на 5 јули, а на стартот ќе имаме 16 кошаркари од кои треба да ги најдам најдобрите 12“, вели Стојановски за КОШ.МК.
Најголем дел од кошаркарите кои ќе настапат на претстојното Европско првенство, првпат ќе играат на вакво натпреварување. Селекторот ќе настојува да го стави колективот над секој играч.
„Нашиот адут ќе биде идентитетот, односно тимот. Ниеден кошаркар нема да биде над екипата и секој ќе треба да придонесе со квалитет и борбеност. За време на подготовките ќе видиме точно кој каква улога може да преземе во екипата и на теренот. Имав можност да ги следам сите кошаркари во кадетското првенство на Македонија, како и оние што играат надвор и поседувам навистина многу материјал за нив. Имаме добри играчи кои со многу работа можат да станат квалитетни кошаркари“, додава предводникот на кадетската селекција.
Иако се уште е рано да се зборува за амбициите, со оглед на тоа тоа што до почетокот има уште безмалку два месеца, Стојановски има високи очекувања што е позитивно за менталитетот на кошаркарите.
„Целта на вакви натпреварувања е секогаш пласман во следната фаза, во овој случај четвртфиналето, но моето мото е ‘чекор по чекор’. Значи, сакам да гледаме и да одиме натпревар по натпревар и да ја играме нашата карактеристична игра. Ако ни се укаже и најмала шанса за пласман во А-дивизијата, ќе ја зграпчиме“, завршува Стојановски.
Своите натпревари на Европското првенство, македонската кадетска репрезентација ќе ги игра во Гевгелија, во рамките на групата Б, во која се уште Украина, Швајцарија, Хрватска, Исланд и Кипар.


