Поранешниот шампион на Македонија, Работнички се наоѓа во исклучително тешка ситуација бидејќи Кошаркарскиот арбитражен трибунал (БАТ) на ФИБА му изрече дури седум казни за ненавремено подмирување на долговите кон своите кошаркари во минатото.
Со слични проблеми, клубот од Градски парк се соочува години наназад, во текот на последната сезона му остана само една казна, но во меѓувреме достасаа долговите кон други кошаркари и бројката се искачи на седум. На листата на оние на кои Работнички им должи, меѓу другите, се Дмитрик Трајс, Квентон Декоузи, Џексон Дубински, Никола Малешевиќ…, додека со Роберт Рикиќ е договорено темпо на исплата кое му одговара и на клубот и на хрватскиот кошаркар.
„Планираме најдоцна до 1 јули да ги решиме сите проблеми и да останеме без казни од ФИБА. На 23 јуни ќе имаме собрание на клубот на кое ќе бидат одредени буџетот и амбициите на клубот, а потоа ќе тргнеме во акција на засилување на екипата“, изјави за КОШ.МК висок функционер во Работнички.
Ако клубот не ги подмири своите обврски или ако не најде модел за расчистување на долговите, нема да може да регистрира странски кошаркари за новата сезона, односно такви што минатата сезона не играле во Македонија. Таков беше случајот и лани кога поради долгови кон други играчи, во првите две кола Работнички играше без странци и доживеа тешки порази од Пелистер и ТФТ. Целта е сега да не се повтори таква ситуација и тимот од Градски парк да го почне првенството во комплетен состав.


