Петтиот натпревар ќе го одлучи шампионот на Грција откако Панатинаикос вечерва израмни на 2-2 во финалната серија до Олимпијакос.
Пред своите навивачи, по две продолженија, ПАО славеше со 93-86, но за да се врати на тронот ќе треба да слави во „мајсторката“ во Пиреја. Денешниот триумф дополнително добива на значење ако се знае дека поради повреди не играа Слукас и Осман, а на средината од последната четвртина поради пет лични грешки мораше да излезе најдобриот играч на Панатинаикос, Кендрик Нан, па домашните кошаркари повеќе од 16 минути мораа без него.
Херој на ПАО беше македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој го искористи отсуството на големите ѕвезди за да ја наметне својата игра и уште еднаш да му ја затвори устата на Ергин Атаман кој го критикува цела сезона. Плејмејкерот ја презеде одговорноста на стартот на второто продолжение и со седум поени по ред го однесе Панатинаикос на 86-81. Во клучните моменти му се приклучи и Толиопулос, па „детелинките“ дојдоа до тоа што го посакуваа.
За 22 минути во игра, Шортс постигна 13 поени, четири асистенции и два скока, а најефикасен кај Панатинаикос беше Нан со 23 поени. Фурние долго време го носеше Олимпијакос, но во финишот изостана поддршката од соиграчите, пред се од Милутинов кој за речиси 40 минути постигна само четири поени.
„Мајсторката“ од финалето во грчкиот шампионат ќе се игра в сабота од 17 часот по средноевропско време, на теренот на Олимпијакос.


