По повод големиот јубилеј, 80 години од основањето на Кошаркарскиот клуб Работнички, кој својот прв натпревар го одигра на големиот празник Илинден во 1946 година, интензивно се подготвува и наскоро на Youtube ќе почне емитувањето на видео серијал.
Во него ќе има мошне интересни разговори, водени главно со дел од легендарните кошаркари и тренери во клупската историја. Епизодите ќе бидат емитувани на Youtube каналот на КК Работнички, како и на профилите на клубот на останатите социјални мрежи.
Покрај епизодите со легендарните членови на Работнички (Александар Књазев, Радосављевиќ, Митко Луковски, Ѓорѓевски, Давитков, Докузовски, Марко Ивановиќ), ќе бидат прикажани и епизоди во кои соговорници се јавни личности – вклучително и навивачи или симпатизери на клубот (Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, легендарниот фудбалер Дарко Панчев, Проф. д-р Љубомир Кекеновски…).
Досега, од идеја до снимање, малубројната, но мошне посветена и исклучително вредна, новинарска екипа, по претходни темелни подготовки, успешно реализираше повеќе од 20 разговори, во кои соговорници(те) искажуваат голема љубов и емоции, а се потсетуваат и на анегдоти со омилениот клуб.
Се очекува првиот разговор да биде објавен во текот на идната недела, а емитувањето ќе продолжи во текот на летото.


