Непосредно пред почетокот на подготовките на македонската репрезентација за последните претквалификациски натпревари, Ваљмир Какруки ги реши дилемите околу својата иднина.
По една сезона во најтрофејниот косовски клуб Приштина, тој се враќа во тимот на Башкими, каде играше краток период во 2023 година. Со клубот од Призрен, Какруки потпиша договор на две сезони и ќе претставува големо засилување во борбата за шампионската титула. Башкими последната сезона стигна до финалето во националниот шампионат, но таму загуби од Трепча со 0-4.
Какруки во Косово игра како домашен играч со оглед на тоа што има пасош на оваа држава, а исклучително е ценет поради своите играчки и човечки квалитети. Во својата кариера играше и за Вардар, Чаир, Академија ФМП и Работнички.


