Задар ја предаде титулата во хрватското првенство на Цибона, а тоа веројатно влијаеше врз одлуката на тимот од Далмација да не му даде нов договор на тренерот Даниел Јусуп, туку да му се заблагодари за соработката.
Хрватскиот тим на својата официјална веб-страница објави дека двете страни ќе тргнат по свои патишта и веќе посочи дека работат на наоѓање нов главен тренер, како и на решенија за играчкиот кадар.
Јусуп со ова го заврши шестиот мандат како тренер на Задар и си заминува како најуспешен во историјата на клубот, со вкупно осум освоени трофеи. Во последниот мендал освои три титули во хрватското првенство и една во Купот, а од претходно има уште три во Купот и една во АБА лигата, од 2003 година. Без разлика на неуспехот во првенството последната сезона, факт е дека успеа од просечен тим да направи доминантна сила во хрватската кошарка, а и да игра важна улога во АБА лигата.


