Младинската академија на Реал Мадрид е на пат да изгуби уште двајца млади кошаркари. Русите Илија Фролов и Егор Амосов летово ќе се преселат во НЦАА со што ќе го продолжат трендот заминувања во оваа лига.
Фролов, крилен центар висок 210 сантиметри, кој денеска полни 18 години, е блиску до договор со Универзитетот Арканзас кој го избрал покрај бројни други понуди. Амосов, 18-годишен бек со висина од 190 см, ќе се приклучи на Универзитетот Конектикат.
Двајцата беа меѓу главните играчи на тимот кој беше второпласиран во јуниорската Евролига и ја освои титулата во шпанската лига. Амосов има просек од 14,6 поени, 6,0 скока и индекс 16,5, додека Фролов има просек од 13,5 поени, 7,4 скока и индекс од 15,6.
Двајцата руски играчи ќе му се придружат на Гунарс Гринвалдс, производ на латвиската академија кој веќе го објави својот трансфер во УЦЛА. Со ова продолжува егзодусот на млади европски таленти во НЦАА кој ја зафати и македонската кошарка имајќи предвид дека само последниот месец петмина млади кошаркари од земјава објавија дека заминуваат во американската колеџ лига.
Во Реал Мадрид тој тренд е уште поголем бидејќи во НЦАА оттаму последните години заминаа играчи како Анри Весар, Сиди Геје, Деклан Дуру, Егор Демин, Јан Виде, Исмаила Диањ и Митар Бошњаковиќ кои заминаа на американски универзитети. Веројатно ќе замине и Изан Алманса кој е еден од најголемите шпански таленти.
Во Европа, никој не може финансиски да се натпреварува со NCAA кога станува збор за плаќање на млади таленти. Таму, благодарение на правата на NIL (права на име и имиџ), играчите без практично никакво искуство добиваат милиони долари – плати незамисливи во Европа за момчиња на нивна возраст. Невозможно е да се запре трендот што ги мачи сите во европската кошарка, а тоа е заминување на најдобрите млади кошаркари кои не добиваат шанса во Европа.


