Капитенот на српската репрезентација Богдан Богдановиќ наскоро би можел да го облече дресот на Денвер Нагетс и да му се придружи на Никола Јокиќ во неговата потрага по нов НБА прстен!
Според медиумите во Србија, франшизата од Колорадо со нетрпение го очекува 30 јуни кога официјално ќе започне преодниот рок, со цел да почне општа офанзива за капитенот на српската репрезентација. Управата на Денвер долго време го има подвлечено името на Богдан Богдановиќ. Општо е познато каква хемија имаат првата ѕвезда на Нагетс, Никола Јокиќ, и лидерот на „орлите“ и колку нивната соработка на теренот им изгледа застрашувачка на ривалите.
Досега, финансиите и строгите правила на НБА го попречуваа овој договор, но ова лето картите се отвораат. Иако неговото враќање во Европа се споменува од време на време, Богдановиќ сè уште има глад да се докаже на најголемата сцена. Неговата желба е јасна – тој сака НБА прстен, исто како што ја освои Европа со Фенербахче (2017) пред да замине „преку барата“.


