АБА лигата од идната сезона дефинитивно ќе има 20 клуба, а елитното регионално друштвои ќе го комплетираат словачкиот Слован од Братислава, кој ќе плати за специјална покана во износ од половина милион евра и поранешниот европски шампион, Цибона од Загреб.
Постоеше мала дилема пред конечната одлука. Имено, по состанокот со челниците на АБА лигата, Цибона, која минатата сезона одлучи да се повлече од АБА 2 лигата, се согласи да плати за специјална покана на денот на почетокот на сезоната, но имаше еден услов – сигурно место во Еврокупот за следната сезона. Како што стојат работите сега, таков епилог не е проблематичен ниту за АБА лигата, ниту за челниците на Евролигата, под чие покровителство се игра второто по ранг европско натпреварување.
Проблемот можеше да се појави и затоа што Хрватската кошаркарска федерација бара од Цибона да игра во Лигата на шампионите на ФИБА и во Хрватското првенство, или ќе им бидат одземени 400 илјади евра. Сепак, Цибона донела одлука за Еврокупот, челниците ќе имаат и состанок со раководството на Хрватската кошаркарска федерација, со цел да се реши овој проблем, а постојат реални шанси хрватската влада, па дури и премиерот Андреј Пленковиќ, да посредуваат во преговорите…
Регионалното натпреварување ќе има две групи од по 10 екипи следната сезона, а потоа ќе се формираат ТОП 8 и ТОП 12 групи. Плејинот останува составен дел од натпреварувањето, како и плејоф натпреварите за опстанок во АБА лигата.
АБА лигата ќе има три претставници во Евролигата следната сезона – Партизан, Црвена Звезда и Дубаи и четири во Еврокупот – Будуќност, Олимпија, Клуж и Цибона. Спартак и Игокеа ќе останат во Лигата на шампионите на ФИБА, а останува да се види дали некој од клубовите ќе одлучи да се испроба на ФИБА натпреварувањата, преку квалификациите, пред се ФМП Железник и Студентски Центар.


