Екипата на Барселона поведе со 1-0 во финалето од шпанското првенство откако вечерва како гостин ја совлада Валенсија со 113-112, по продолжение.
Натпреварот во Роиг арената беше еден од најубавите што љубителите на кошарката можеа да ги видат оваа сезона. Барселона три пати се врати од бездната и успеа да слави, продолжувајќи ја победничката серија во плејофот имајќи предвид дека во четврт и полуфиналето славеше со по 2-0.
Натпреварот почна фантастично за Валенсија која рано направи двоцифрена предност, по првата четвртина водеше со 12 разлика, а во вториот период ги достигна највисоките +14 (38-24 и 40-26). Барселона тогаш почна да игра и до полувреме дојде до прифатливи -5 (47-52), а во третата четвртина го комплетираше пресвртот во неколку наврати се најде во водство, најмногу до три разлика. Така беше до средината на последниот кавртал кога Валенсија повторно ја презеде контролата над резултатот и поведе со пет разлика (95-90) на помалку од две минути пред крајот.
И тука се чинеше дека е готово, но Барселона не се предаде. Херој на каталонскиот тим беше Вил Клајбурн кој до крајот на основниот дел постигна девет од вкупно 11 поени, вклучувајќи тројка на четири секунди пред истекот на времето. На домаќините им се одби од глава тоа што не направија фаул во последниот напад кога водеа со 101-98, па му овозможија на Клајбурн со тројка да израмни и да го однесе мечот во продолжение. За да ја потврди својата херојска улога, ветеранот во последниот напад му залепи „банана“ на Камерон Тејлор и не му дозволи да постигне кош за победа.
Во дополнителните пет минути Барселона ја имаше контролата и речиси постојано беше во водство, со исклучок на 110-110. Клучниот кош го постигна Жоел Пара кој притоа беше фаулиран и погоди од линијата за слободни фрлања за +3 на 41 секунда пред крајот. Бадио брзо израмни, Клајбурн потоа промаши тројка и Валенсија имаше последен напад за победа, но повторно Тејлор не успеа да погоди и триумфот замина во Барселона.
Клајбурн беше најефикасен кај Барса со 21 поен, Лапровитола постигна 20, а Пара 18. Монтеро ја предводеше Валенсија со 24 поени. И вториот меч се игра во Роиг арената, в сабота од 20 часот.


