Од ден на ден, се поголем е бројот на македонски кошаркари кои одлучуваат својата кариера да ја продолжат на американскиот континент.
На листата влегува и репрезентативецот Андреј Митревски кој продолжува во НЦАА и тоа на Универзитетот Пасифик од градот Стоктон во Калифорнија. Најпознат е по тоа што оттаму излезе поранешниот прв пик на НБА драфтот, Мајкл Оловоканди кој тогаш беше избран од Лос Анџелес Клиперс, а иако неговата кариера не траеше долго, играше уѓте за Минесота и Бостон.
Пасифик се натпреварува во Вест Коуст (West Coast) конференцијата каде најпознат универзитетот е Гонзага, но и Вашингтон Стејт на кој до пред три сезони настапуваше македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски. Последната сезона го освои петтото место со биланс 18/15.
Митревски во септември ќе наполни 23 години, ги помина сите младински селекции на Македонија и заигра во сениорската, а своевремено беше еден од најголемите таленти во земјава. Најголем дел од кариерата помина во Феникс, една сезона играше во ТФТ, а последната ја помина во Пелистер, но уште лани имаше опција да замине во НЦАА.


