Со оглед на тоа што при крај е сезоната во европската клупска кошарка (останува уште финалето во шпанската, германската и француската лига), клубовите на континентот ги прават плановите за следната натпреварувачка кампања.
Од македонските кошаркари, во центарот на вниманието се Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски кои во моментов се и најдобрите наши играчи. За Димитријевиќ се погласно се зборува дека ќе биде дел од новиот проект на Арис, предвид од Василис Спанулис, додека неизвесно е каде Јакимовски ќе ја продолжи кариерата.
Италијанците јавуваат дека деновиве Тренто ќе ја објави разделбата со него, а 25-годишниот крилен играч веќе подолго време е на радарот на финалистот во шпанското првенство и учесник на евролигашкиот Ф4, Валенсија. Сепак, со оглед на неговата одлична сезона во Тренто, интересот од ден на ден се зголемува и се поголем број клубови влегуваат во трка по неговиот потпис.
Последните за кои пишуваат во Италија се Наполи и Рома. Двата клуба добија едногодишна специјална покана за учество во Еврокупот и сигурно дека се возбудливи проекти. Во Рома своевремено настапуваше легендарниот македонски репрезентативец Владо Илиевски, додека Наполи има високи амбиции за претстојната сезона, а позитивно за овие два клуба е тоа што македонскиот репрезентативец таму би играл како домашен играч и не би фаќал место за странец. Јакимовски внимателно ги разгледува понудите на негова адреса и наскоро се очекува да ја донесе конечната одлука за својата иднина.


