Без речиси цела стартна петорка, македонската кошаркарска репрезентација доживеа пораз на гостувањето во Самоков, во првиот од двата планирани натпревари против Бугарија.
Домаќините славеа со 97-68 иако мора да се истакне дека и тие беа некомплетни бидејќи недостасуваше најдобриот евролигашки кошаркар Александар Везенков. Во нашиот национален тим ги немаше Димитријевиќ, Јакимовски, Мекиќ, натурализираниот играч, а во последен момент отпадна и капитенот Војдан Стојановски.
Во такви услови, Македонија се држеше во првата четвртина која домаќинот ја доби со 28-20, а потоа почна доминацијата на Бугарија. До полувреме беше 50-27, по третата четвртина 75-43, а на крајот и финалните +29.
Виктор Ефремовски со 14 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, Ташовски додаде 12, а Стојаноски осум. В четврток во Скопје, двете селекции треба да одиграат уште еден пријателски меч. На тој натпревар би требало да играат барем Јакимовски и Војдан Стојановски.


