Најмладиот тренер во македонската кошаркарска Суперлига, Миодраг Тодоровиќ си замина од Маџари, на општо изненадување на домашната јавност.
Иако последната сезона тој го однесе дебитантот до големото финале каде го предизвика МЗТ Скопје, а што беше успех од епски размери, сепак, не дојде до договор за продолжување на соработката. Тодоровиќ лани успеа да го внесе Маџари во елитната конкуренција, првпат во историјата на клубот, а потоа како дебитант да го однесе и до финалето, наспроти сите прогнози на стручњаците.

За 29-годишниот стручњак, сепак, веднаш се најде работа бидејќи во новата сезона тој ќе го води поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув. Гевгеличани одамна имаат големи амбиции, на својата клупа сменија бројни големи тренерски имиња, но успеаја само да дојдат до финалето на Купот минатата година.
Тодоровиќ ќе биде замена за Љупчо Малинков кој ја доврши последната сезона, во надеж дека ќе го врати Кожув на старите патеки имајќи предвид дека во 2013 година играше во финалето од плејофот, а две години подоцна и во финалето од Купот на Македонија.


