Сениорската репрезентација на Македонија денеска од 18 часот го игра возвратниот пријателски натпревар против Бугарија, во рамките на подготовките за дуелите со Ирска и Луксембург идната недела.
Натпреварот се игра во Градски парк, а селекторот Жосеп Марија Берокал ќе има на располагање поголем фонд играчи во однос на првиот меч во неделата во Самоков. На подготовките се приклучи Андреј Јакимовски, тука се и двајцата натурализирани играчи Ди Џеј Стјуард и Нејт Сестина, а се очекува да настапи и капитенот Војдан Стојановски кој не играше пред четири дена. Од овие причини, Берокал очекува подобро издание од неговите кошаркари во однос на првиот натпревар.
„Ни следува контролниот натпревар со Бугарија на кој ќе видиме кој ќе игра, како функционираме и како ќе изгледаме на теренот. На претходниот натпревар игравме со 12 играчи, бевме комплетни 20 минути против една доста добра и искусна селекција која одигра на високо ниво. Очекувам вечерва да одиграме доста подобро.
За разлика од претходниот циклус, сега имаме малку повеќе време, но не премногу. Имаме и неколку нови играчи. Од 16 кошаркари кои беа на првиот тренинг, само пет беа од ланскиот состав“, вели селекторот.
По денешниот натпревар, многу работи треба да бидат појасни околу играта на македонската репрезентација. До дуелот со Ирска има точно една недела и тој ќе биде клучен за заверка на првото место и пласманот во следната фаза од претквалификациите.


