Рускиот кошаркарски клуб Зенит официјално го раскина договорот со македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој од денеска е слободен играч.
Во тимот од Сант Петерсбург тој играше само една полусезона по што замина на позајмица во Баерн и со клубот од Минхен учествуваше во Евролигата. За жал, не се закити со шампионската титула од Бундеслигата бидејќи во финалето од плејофот Баерн загуби од Алба со 2-3, но Димитријевиќ секако беше еден од најдобриот играчи на баварскиот клуб.
Одамна се шпекулира дека нов клуб на македонскиот плејмејкер ќе биде солунски Арис кој од неодамна има нов тренер во легендата на грчката кошарка Василис Спанулис. Грчките медиуми не само што го тврдат тоа, туку веќе навестуваат како ќе изгледа почетната петорка на Арис, со Димитријевиќ во неа.
Промоцијата на македонскиот плејмејкер во Арис може да се случи веќе во текот на денешниот ден, а Димитријевиќ со тоа претстојната сезона би настапувал во Еврокупот.


