Македонската кошаркарска репрезентација ѝ се одмазди на Бугарија за неодамнешниот пораз и на домашен терен ја совлада со 91-87 во вториот подготвителен натпревар.
Значително засилени во однос на тој меч во Самоков, нашите кошаркари одиграа солидно во текот на сите 40 минути и беа во водство во поголем дел од мечот. Победникот, сепак, се одлучуваше во последните две минути во кои се влезе со минимална предност на Македонија (80-79).
Следуваше тројка на Ѓуроски, па уште една на Стјуарт, па откако отиде на +7, нашата репрезентација мирно го приведе мечот кон крајот.
Извонредно деби, иако неофицијално, имаше новиот натурализиран кошаркар во нашиот национален тим Ди Џеј Стјуарт кој постигна 26 поени со пет скока и пет асистенции за индекс 26. Се истакна и Ѓуроски со пет тројки и 15 поени, како и Виктор Ефремовски кој покажа дека може сериозно да се смета на него.
Ова беше втор и последен тест за Македонија пред последните два натпревара од претквалификациите за Европското првенство. На 2 јули, нашата репрезентација ја пречекува Ирска, а три дена подоцна гостува во Луксембург.


