Еден од најдобрите македонски плејмејкери во моментов Марин Петков би можел да ги пропушти дуелите со Ирска и Луксембург поради повредата што ја доживеа на денешниот натпревар против Бугарија.
На две минути пред крајот на првата четвртина, 23-годишниот кошаркар го повреди скочниот зглоб и тоа во многу бизарна ситуација. Откако направи лична грешка врз противничкиот играч Стоименов, Петков го згазна истиот кошаркар и го свитка зглобот што подоцна се покажа како тешка повреда.
Играчот на МЗТ Скопје мораше да го напушти теренот за да му биде укажана лекарска помош, подоцна зглобот му беше имобилизиран и со помош на физиотерапевтот Илија Николовски замина во соблекувална. Во деновите што претстојат ќе се знае точната дијагноза и колку, евентуално, ќе мора да паузира Петков. Во отсуство на Андреј Магдевски, кој исто така доживеа тешка повреда и имаше операција, непријатноста со Петков сериозно ќе влијае на плејмејкерската позиција во репрезентацијата.


