Најмалку половина екипа од шампионскиот ростер на Валенсија летово ќе си замине што значи дека сензационалниот првак на Шпанија во новата сезона ќе влезе драстично изменет.
Жан Монтеро синоќа се прости од клубот и јасно е дека неговата кариера ќе продолжи во редовите на актуелниот европски шампион Олимпијакос. Покрај него, извесно е дека ќе си оди и Бранку Бадио за кого е заинтересиран Панатинаикос, додека Реал тргнува по потписите на Прандиља и Де Лареа. Двајцата имаа одлична сезона, а Де Лареа има опција и да замине во НБА лигата бидејќи беше избран на драфтот од Далас Маверикс.
Заминување најавија и Брекстон Ки кој е блиску до Фенербахче, Мет Костело за кого е заинтересирана Црвена Звезда и само детали недостасуваат за реализација на трансферот, како и Дариус Томпсон кој веќе се договорил со Олимпија Милано.
Како замена, се очекува веќе денеска да биде претставен Ти Џеј Шортс, па постои можност во новата сезона Валенсија да има двајца македонски репрезентативци бидејќи во екипата е и Омари Мур. Шортс немаше сезона за памтење во Панатинаикос, но во голема мера тоа беше вина на тренерот Ергин Атаман кој постојано го критикуваше и не му ја даде слободата што ја имаше во Телеком Бон и Париз. Стилот на игра на Педро Мартинез многу ќе му одговара на Шортс и навивачите веќе го гледаат како идеална замена за Монтеро.


