Македонската кошаркарска репрезентација претстојната недела го завршува првиот претквалификациски циклус за Европското првенство, со дуелите против Ирска на домашен терен и Луксембург на гости.
За последните два меча, нашиот национален тим ќе има нов натурализиран играч откако претходно се сменија Омари Мур, Џејкоб Вајли и Итан Хап. Од неодамна, македонско државјанство има американскиот кошаркар Ди Џеј Стјуард кој треба да помогне да се запечати првото место на табелата во групата. Довчерашниот играч на Олимпија веќе одигра еден меч за македонската репрезентација, пријателскиот против Бугарија и покажа дека ќе биде големо засилување, а ветува дека на секој натпревар ќе игра максимално одговорно.
„Ова е мое прво искуство во еден национален тим и секогаш сакам да го дадам најдоброто од себе. Спремен сум да работам со соиграчите и да помогнам во секој посед на топката, секој потег на теренот и секој детаљ во кошаркарската игра. Целта е да ги победиме следните два натпревара. Ќе се бориме да го направиме тоа и да бидеме најдобрата верзија на теренот“, изјави Стјуард.
Можност да ги преточи зборовите во дело, тој ќе има веќе в четврток кога во Скопје гостува репрезентацијата на Ирска.


