Македонската кошаркарска репрезентација влегува во завршната фаза од подготовките за јулските натпревари од претквалификациите за Европското првенство 2029, а во националниот тим владее позитивна атмосфера и голема мотивација пред она што следува.
Избраниците на селекторот Жосеп Марија Берокал напорно работат во пресрет на првиот дуел против Ирска, кој ќе се одигра на 2 јули во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје. Еден од кошаркарите кои треба да имаат важна улога во овој циклус е Виктор Ефремовски, кој зад себе има одлична сезона во домашниот шампионат. Бекот беше меѓу најрасположените во подготвителниот натпревар против Бугарија и верува дека репрезентацијата се движи во вистинска насока.
„Работиме квалитетно и со голем интензитет. Секој тренинг ни носи дополнителна сигурност и подобра воиграност. Атмосферата во тимот е одлична, а сите сме фокусирани на она што нè очекува во наредните денови. Не очекуваат важни натпревари против Ирска и Луксембург и свесни сме дека нема да биде лесно. Нашиот фокус е на нашата игра и на тоа да го дадеме максимумот и сметам дека од нас зависи конечниот исход на двата меча. Ако одиграме дисциплинирано и ги исполниме задачите од селекторот, верувам дека можеме до позитивен резултат и до остварување на нашата цел“, вели Ефремовски.
Македонија во овој претквалификациски циклус ќе се обиде да го задржи водечкото место во групата А, а првата пречка на патот кон таа цел ќе биде селекцијата на Ирска, на 2 јули во Скопје.


