На денешен ден пред 35 години, кошаркарската репрезентација на Југославија го одигра својот последен натпревар во историјата.
Мечот беше финале од Европското првенство во Рим каде Југославија ја освои својата петта титула, по 1973, 1975, 1977 и 1991 година. Во натпреварот за шампионскиот трофеј, четата на Душан Ивковиќ ја победи Италија со 88-73, но конечниот резултат не го отсликува она што се случуваше на теренот и неверојатната леснотија со која Југославија дојде до победата и до титулата.
Начинот на кој југословенската репрезентација го освои, односно одбрани трофјот, е еден од најдоминантните во историјата на европските првенства. Не само што имаше биланс 5/0 на тоа првенство (учествуваа осум репрезентации поделени во две групи), туку само Шпанија во првото коло се „извлече“ со едноцифрен пораз (67-76). Југославија ги победи ривалите со просечна разлика од 21,6 поени и сето тоа без Дражен Петровиќ кој поради несогласувања со селекторот Ивковиќ, го откажа својот настап.
Уште еден од деталите кои го одбележаа тоа првенство беше заминувањето на Словенецот, Јуре Здовц во пресрет на завршните натпревари, а под притисок на словенечкото политичко раководство. Во деновите на Европското првенство почна војната во тогашна Југославија, прво во Словенија која еднострано објави отцепување од поранешната држава, па ЈНА тргна во напад за да ја одбрани територијалната целовитост иако беше јасно дека следува распад. Здовц не играше во полуфиналето и финалето, но и без него Југославија убедливо ги совлада Франција и Италија.
На тој начин беше ставен крај на една исклучително квалитетна генерација која година претходно стана и светски шампион и можеше да доминира во европската и светската кошарка уште долго време, со оглед на тоа што играчите кои настапија (Кукоч, Раѓа, Дивац, Даниловиќ, Савиќ, Ѓорѓевиќ, Паспаљ итн.), плус Дражен Петровиќ, беа на возраст меѓу 21 и 27 години.
Во рамките на квалификациите за тоа Европско првенство, Југославија одигра еден од ретките натпревари во салата Градски парк во Скопје. Прегазена беше Германија со 120-87 при што во првото полувреме југословенските кошаркари постигнаа 70 поени.


