Сениорската репрезентација на Македонија ги привршува подготовките за последните два меча од претквалификациите за Евробаскетот 2029, а пред дуелот со Ирска своите очекувања ги сподели Ваљмир Какруки.
Новиот кошаркар на косовски Башкими гледа позитивно на новите предизвици и е подготвен да помогне во дресот на националниот тим.
„Одлично ги поминавме подготовките. Имавме два контролни натпревари со Бугарија и можам да кажам дека сме подготвени за следниот меч со Ирска во претквалификациите. Ни требаше малку време да се запознаеме сите подобро, но мислам дека периодот што го поминавме заедно беше доволен за да се подготвиме за следните предизвици.
Факт е дека половина од тимот ќе биде променет во однос на претходните натпревари, но нашиот фокус е кон дуелот со Ирска. Ќе дадеме сè од себе да победиме и ќе играме максимално ангажирано. Подобри сме од Ирците и не се сомневам дека ќе ја оствариме посакуваната победа“, додава македонскиот репрезентативец.
Дуелот меѓу Македонија и Ирска се игра утре од 18 часот во салата Градски парк во Скопје, а потоа следува само уште мечот со Луксембург на гостински терен, в недела. Во случај на триумф утре, натпреварот од последното коло ќе биде само формалност затоа што Македонија ќе го запечати првото место на табелата и пласманот во следната претквалификациска фаза.


