И во третиот натпревар како селектор на македонската репрезентација, Жосеп Марија Берокал нема пораз иако ова е само загревање за она што следува во натамошните фази од (прет)квалификациите.
Македонија денеска ја заврши работата во овој сегмент и наскоро ќе ги добие противниците за втората фаза. По денешниот триумф против Ирска, селекторот е задоволен од покажаното, но бара максимална одговорност и на последниот натпревар, в недела против Луксембург.
„Мислам дека одигравме добар натпревар. Не беше лесно да се победи, но ние се адаптиравме на играта на противникот. Бевме добри во одбраната, најдовме решенија и во нападот, па успеавме да ја оствариме целта и да се квалификуваме за следниот круг. Немаме многу време за одмор, сега ни следи Луксембург, кој ќе ни биде увертира за следната рунда.
Среќен сум од остварената цел. Во овој ‘прозорец’ видов повеќе кошаркари и сум задоволен. Видов повеќе домашни играчи, шанса добија нови имиња како Марко Луканоски, Петар Бошалески и Павел Иванов, а ги увидов и квалитетите на Нејт Сестина и на Стјуарт. Еден ден ќе уживаме за победата, а потоа ни следи пат кон Луксембург. Ќе се подготвуваме за тој натпревар, секако дека желбата е уште еднаш да се победи“, изјави Берокал.
Репрезентацијата заминува за Луксембург утре околу 9 часот наутро, а натпреварот се игра в недела од 16.


