Македонската кошаркарска репрезентација успешно го заврши првиот претквалификациски циклус за Европското првенство, а голем придонес за тоа имаше искусниот Стојан Ѓуроски.
Секогаш достапен за националниот тим, гостиварецот е еден од лидерите на нашиот национален тим и постојано го дава максимумот на теренот. По триумфот против Ирска, Ѓуроски не го крие задоволството што една етапа е успешно завршена.
„Знаевме дека ова е меч кој мора да се добие за следна фаза и среќни сме и задоволни што ја остваривме целта. Сега ни pretstoi Луксембург, против кого исто така одиме на победа и покрај тоа што сме веќе во следната фаза. По нас, Луксембург е најдобра селекција во групата, доста подобра на домашен терен. Ние немаме повеќе што да загубиме, па ќе влеземе максимално и во тој меч“, порача Ѓуроски.
Луксембург вечерва беше непријатно изненаден на домашен терен каде загуби од Азербејџан, па и местото како најдобра второпласирана репрезентација му е доведено во прашање.


