Кошаркарската репрезентација на Македонија денеска од 16 часот во Луксембург го игра последниот натпревар од првата претквалификациска фаза за пласман на Европското првенство во 2029 година.
Дуелот против селекцијата која доаѓа од земја без кошаркарска традиција нема никакво резултатко значење бидејќи Македонија уште во четвртокот на домашен терен го обезбеди првото место во групата и пласманот во следната рунда од претквалификациите. Со делумно изменет состав, нашите кошаркари ќе се обидат да дојдат до победата и да стават точка на овој циклус на патот кон континенталниот шампионат.
Селекторот Жосеп Марија Берокал пред патувањето за Луксембург остана без лидерот на оваа селекција Андреј Јакимовски, не замина ни Марко Луканоски кој остана со У20 репрезентацијата, а направена е и промена кај натурализираните кошаркари бидејќи на местото на Ди Џеј Стјуарт ќе игра Нејт Сестина. Токму Американецот треба да биде ударно оружје во нападот имајќи предвид дека станува збор за фантастичен шутер и голем професионалец, со искуство во Евролигата.
Луксембург во мечот влегува со серија од три порази и речиси е невозможно да продолжи во претквалификациите дури и како најдобра второпласирана репрезентација. По одличниот старт на овој циклус, Луксембуржаните влегоа во лошам серија и загубија еднаш со девет, еднаш со шест и еднаш со два разлика поради што ги загубија шансите за првото место, а по се изгледа нема да имаат шанса против Бугарија или Норвешка кои ќе бидат второпласирани во својата група.
Сепак, за разлика од македонската репрезентација, селекцијата на Луксембург е комплетна и ќе брка победа за својата чест и за за продолжување на надежите бидејќи дуелот меѓу Бугарија и Норвешка се игра подоцна денеска.
Натпреварот меѓу Луксембург и Македонија се игра во спортскиот комплекс Кок, во салата со капацитет од околу 2.000 места, а ќе го водат Петер Зенис од Словачка, Диого Мартинс од Португалија и Матео Лукоти од Италија.


