Македонската кошаркарска репрезентација со максимален ефект ја заврши првата претквалификациска фаза откако победи и на последниот меч во циклусот.
На гостувањето во Луксембург, нашите кошаркари славеа со 80-66 за заокружувањето на перфектните претквалификации и за кревање на самодовербата пред многу поважната и потешка втора фаза. Денешната победа дополнително добива на значење бидејќи македонската репрезентација играше со само девет кошаркари откако во Скопје останаа Јакимовски и Луканоски, а капитенот Војдан Стојановски не влезе во игра.
Можеби се очекуваше нашата селекција да се најде во проблеми пред мотивираните домаќини, но неизвесност речиси и да немаше. Македонија од почетокот ги презеде работите во свои раце, брзо поведе со 9-3, потоа беше 18-9, а по првата четвртина водевме со 23-15. Во воведниот дел од вториот период, првпат предноста беше двоцифрена (27-17), а по 30-20, ниеднаш не се спушти на едноцифрена вредност.
По тројката на Ефремовски со истекот на времето за првото полувреме, Македонија поведе со 46-27 и со тој резултат се замина на голем одмор, а почетокот на третиот период донесе подобра игра на Луксембург кој отвори со 10-2 и се добижи на 11 разлика (37-48). Сепак, нашите кошаркари брзо го одбија тој удар, повторно отидоа на солидна негатива, покрај одличните Ташовски и Ефремовски, се разиграа уште Ѓуроски, Сестина и Какруки, во одбраната својата работа ја завршија Тома Стојаноски и Лука Стојановски и победата не беше доведена во прашање.
Сестина забележа одлично деби, постигнувајќи 18 поени со што беше најефуикасен играч на натпреварот, Ташовски додаде 16, Ѓуроски 13, а Какруки и Ефремовски по 12.
Македонија со ова ги заврши првите претквалификации и за десетина дена ќе ги добие противниците за следниот сегмент.


