По фантастичната сезона што ја имаше во дресот на ТФТ, Виктор Ташовски ги продолжи одличните настапи и во македонската репрезентација каде се промовираше во еден од главните играчи.
Вчера против Луксембург беше втор стрелец, зад Нејт Сестина, но поените и не можат да го отсликаат она што тој го може во моментов, како и неговото значење за националниот тим. Битолчанецот долго време ги влечеше конците, беше најзаслужен за високото водство по првото полувреме и покажа дека мора да биде стандарден дел од репрезентацијата. Своето задоволство го покажа и по натпреварот, додека го сумираше она што Македонија го покажа во Луксембург.
„Одигравме одличен натпревар, доминиравме во текот на сите 40 минути и докажавме дека сме подобар тим, иако без еден од нашите главни играчи. Го завршивме овој циклус со максимални шест победи и прво место во нашата група, а тоа воопшто не е мала работа. Најважно е што обезбедивме пласман во следната фаза и ќе се обидеме да докажеме дека Македонија заслужува да се бори за пласман на Европското првенство“, рече Ташовски.
Плејмејкерот од денеска е на заслужен одмор, а наскоро ќе донесе одлука каде ќе ја продолжи кариерата.


