Во бранот млади кошаркари кои во овие претквалификации добија шанса во сениорската репрезентација е и играчот на ТФТ, Тома Стојаноски кој одигра важна улога на дуелите со Ирска и Луксембург.
По добрата сезона во дресот на ТФТ, гостиварецот се покажа како одлично решение за рекетот, но и како играч на кој сериозно треба да се смета во иднина. Стојаноски е задоволен од својот настап, а уште повеќе од резултатите на националниот тим.
„За првпат бев дел од репрезентацијата во овој циклус, ги играв последните два натпревара, а од тренерот и стручниот штаб добив и солидна минутажа. Се надевам дека ги исполнив нивните очекувања. Сакам да им честитам на момците и на тренерите за двете победи и со кои го потврдивме првото место во групата во овој циклус. Одиме во следната фаза непоразени, што е голема мотивација за нас да се покажеме во најдобро светло во натпреварите што претстојат“, рече Стојаноски.
Следната репрезентативна акција е веќе во август кога почнува втората претквалификациска фаза за Европското првенство. Противниците во тој дел, македонскиот национален тим ќе ги дознае идната недела.


