Вечерва официјално заврши првиот сегмент од квалификациите за Светското првенство, а со тоа се познати и осумте репрезентации кои испаднаа на тој пат и се префрлуваат во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Пред три дена беа јасни четири селекции кои тргнуваат по патот кон континенталниот шампионат, а од денеска се знаат сите осум. На Швајцарија, Данска, Кипар и Белгија им се придружуваат Чешка, Австрија, Велика Британија и Романија и сите тие се потенцијални противници на Македонија во втората претквалификациска фаза која стартува кон крајот на август. Покрај нашата репрезентација, патот го продолжуваат уште Словачка, Бугарија и Норвешка.
Најинтересна во квалификациите за Мундијалот е групата Х каде Естонија, Словенија, Шведска и Чешка имаа идентичен биланс – 3/3, но поради најслабата кош-разлика, од конкуренција испаднаа Чесите.
Ждрепката за вториот претквалификациски сегмент ќе се одржи на 16 јуни и тогаш ќе се знае со кого ќе се игра Македонија во циклусот чии натпревари ќе се играат во август, ноември и февруари.


