За два дена во Братислава почнува Европското првенство Б-дивизија за кошаркари до 20 години на кое ќе учествува македонската репрезентација во обид да го повтори успехот од пред три години кога го освои второто место.
На ред е генерацијата која во У18 конкуренцијата во 2024 година дојде до титулата, но од тој тим сега ќе ги нема Никола Јаничиќ и Стефан Стојковиќ. Тука, сепак, е центарот Марко Луканоски кој пред две години беше избран во идеалната петорка на шампионатот, а сега ќе биде лидер на оваа репрезентација. Во својата најава за првенството во Словачка, ФИБА им препорача на љубителите на кошарката да обрнат внимание на 20-годишниот кошаркар.
„Луканоски доминира околу кошот, а неговата комбинација од големина, координација и мека рака му овозможува да го креира својот шут и да доминира во скокот. Во Братислава, тој ќе ја преземе улогата на главен стрелец за тимот на Македонија кој се обидува да се врати во игра по минатогодишното 17-то место, втор најлош резултат во историјата за оваа селекција на европските првенства“, пишува, меѓу другото, во анализата на ФИБА.
Младата репрезентација утре заминува за Братислава, а првиот меч го има в петок со домаќинот Словачка.


