Зад македонската репрезентација е успешен претквалификациски циклус за Европското првенство кој го заврши со максимален ефект (6/0) и го продолжува патот кон континенталниот шампионат.
Со оглед на проблемите околу играчкиот кадар и промената на селекторската позиција (циклусот го почна Марјан Илиевски, а го заврши Жосеп Марија Берокал), голем број кошаркари се свртеа низ националниот тим. Најголем товар, сепак, го понесоа оние од кои тоа и се очекуваше: Андреј Јакимовски, Андреј Магдевски, Војдан Стојановски, Адем Мекиќ и натурализирани кошаркари кои ги имаше петмина на шесте натпревари.
Јакимовски ги заврши претквалификациите како најдобар стрелец и скокач во македонската репрезентација, а и во „генералниот пласман“ беше меѓу најдобрите. Кај стрелците заврши на третото место со 109 поени зад Весли ван Бек од Азербејџан со 118 и Бен Ковач од Луксембург со 136. Ако не го пропуштеше последниот меч против Луксембург, сигурно и пласманот ќе му беше подобар, најмалку за една позиција.
Интересно е тоа што шест од првите седум најдобри стрелци во претквалификациите се од групата во која беше Македонија.
Меѓу скокачите, Јакимовски е на седмото место со вкупно 44 скока или 8,8 по натпревар. Имаше и еден дабл дабл, исто како и капитенот Војдан Стојановски.
Од останатите македонски репрезентативци кои особено се истакнаа, Андреј Магдевски заврши како петти асистент со 4,5 додавања по натпревар, но тој не ги одигра последните два натпревара поради повреда. Адем Мекиќ, пак, е петти „крадец“ со 1,5 украдена топка по натпревар.


