Младата македонска репрезентација доживеа шокантен пораз во второто коло од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Братислава.
Откако вчера одигра блескав натпревар и го победи домаќинот Словачка, денеска нашата селекција загуби од Ирскасо 56-69 со што ги намали шансите за пласман во четвртфиналето од шампионатот. Победа денеска ќе ја однесеше македонската селекција на прагот на нокаут фазата, но сега ќе треба да се погодат многу резултати за да се оствари целта. Една од причините за поразот е заморот бидејќи само 17 часа претходно Македонија одигра тежок натпревар против Словачка.
Ирците апсолутно заслужено дојдоа до победата бидејќи водеа безмалку цел натпревар, со исклучок на воведните седум секунди кога беше 0-0. Отворија со 7-0, а иако Македонија подоцна се доближи на еден посед, пропушти десетина шанси да го преземе водството кога беше на негатива од еден или два поена, па дури не успеа ни да израмни.
И покрај релативно лошата и неповрзана игра, на полувреме беше само 31-27 за Ирска што влеваше надеж дека Македонија може да направи пресврт во вториот дел и да дојде до победата. Но, се случи токму обратното, третиот период Ирска го доби со 17-5 при што нашите кошаркари немаа постигнато поен повеќе од седум минути, а противникот за тоа време направи серија од 10-0. На почетокот на последната четвртина Ирска ги достигна највисоките +18 (50-32), па не останаа шанси Македонија да дојде до поволен резултат. Овој пораз е повисок од вчерашната победа и сега избраниците на Никола Велев немаат друг избор, освен да ги победат Шведска и Азербејџан во следните две кола, а притоа да се надеваат дека ќе им се поклопат другите резултати за да стигнат до посакуваното четвртфинале.
Коста Ќириловски денеска беше најефикасен со 17 поени, вклучувајќи пет тројки од осум обиди, но останатите 11 кошаркари (сите добија минутажа) погодија само уште една тројка. Се истакна и Марко Луканоски со 12 поени од кои и почетните осум на македонската репрезентација. На крајот, покрај лошиот шут, одлучија и загубените топки (22), седум повеќе од Ирците кои на крајот се покажаа клучни за поразот.
За македонската репрезентација сега има два слободни дена, пред клучниот натпревар во групната фаза, против Шведска, во вторник од 13:30 часот.


