Денеска во Љубљана почна Европското У20 првенство од елитната дивизија, а ФИБА уште еднаш потсети на индивидуалните рекорди во историјата на овие натпреварувања.
На прво место, според бројот на постигнати поени и натаму е легендата на македонската кошарка Владо Илиевски. Неговиот рекорд е најдолг од сите, датира од 2000 година, а изнесува 45 поени, бројка која се уште никој не успеал да ја достигне.
Го постави во последното коло од групната фаза, против Литванија на шампионатот што пред 26 години се одржа во Охрид. На македонската репрезентација тогаш ѝ беше потребна победа за да се пласира во четвртфиналето, додека Литванците не беа обременети од резултатот бидејќи секако беа испаднати.

Сепак, Робертас Јавтокас и другарите не дозволија да загубат, па во епскиот натпревар, по две продолженија, Литванија славеше со 85-82 и ги урна сите надежи на нашиот тим дека може да се пласира во нокаут фазата, засенувајќи го делумно ефектот на Илиевски кој тогаш во солзи го напушти теренот на „Билјанини извори“, а публиката го поздрави со громмогласен аплауз. Во таа генерација на македонската репрезентација играа уште кошаркари како Чековски, Ристе Стефанов, Гоцевски, Димитровски, Тасовски, Ѓуров, Грнчаров итн. и сите направија блескави кариери.
Илиевски се одмазди 11 години подоцна и тоа на теренот на Литванците, во Каунас. Во четвртфиналето од Европското сениорско првенство, тој погоди тројка во финишот од дуелот со Литванија за пласман на Македонија меѓу четирите најдобри и едно од најголемите изненадувања во историјата на континенталните натпреварувања.


