Италијанскиот кошаркар Алесандро Пајола ќе биде првото летно засилување на белградски Партизан, тврдат денеска српските медиуми.
Тој треба да биде утеха за „црно-белите“ кои имаат турбулентно лето, веќе се разделија со осуммина кошаркари, а не успеаја да убедат бројни познати имиња да се преселат кај нив. На листата на желби беа Армони Брукс, Пати Милс, Ошеа Брисет, па дури и Зек Ледеј, Јуџин Оморуји, Филип Боровчанин итн.
„Алесандро Пајола постигна договор со црно-белите. Сите детали се финализирани и сè што останува е да се официјализира трансферот. Пајола би пристигнал како потпора на Карлик Џонс, а негова специјалност е играта во одбраната. Тој ја започна својата професионална кариера во 2015 година и целиот свој живот го носеше дресот на Виртус Болоња. Тој беше соиграч на Милош Теодосиќ и Стефан Марковиќ во еден период, а негов тренер беше Александар Ѓорѓевиќ“, наведуваат Србите.
Интересно е тоа што Пајола неодамна се поврзуваше со Црвена Звезда, токму поради неговото пријателство сон Теодосиќ. Беше најдобар дефанзивец на италијанскиот шампионат во 2021 и 2025 година, беше МВП на Купот во 2021 година, а беше и дел од тимот кога ја освоија Лигата на шампионите и Еврокупот на ФИБА. Во сезоната зад нас, тој имаше просек од 4 поени и 4 асистенции во Евролигата.


