Во плејадата македонски кошаркари и кошаркарки кои летово ќе се преселат во САД и ќе играат во колеџ лигата, влегува и 19-годишната Ања Начевска.
По една сезона во српска Мега, најталентираната македонска кошаркарка од новата сезона ќе биде член на женскиот тим на Универзитетот Хемптон кој се натпреварува во Дивизијата 1 во НЦАА. Универзитетот е лоциран во истоимениот град во сојузната држава Вирџинија и се натпреварува во Коустал Атлетик Конференцијата, а игра во арена со капацитет од 7.200 места.
Од оваа сезона, „пиратките“ од Хемптон Универзитетот имаат нов тренер во Тамиша Огастин и Начевска треба да биде еден од адутите во екипата.
Иако има само 19 години, Начевска е со релативно долг стаж во женската сениорска репрезентација на Македонија. Пред да замине во Мега „стаса“ во школата на Вардар каде ги освои сите можни индивидуални признанија и титули во младинските категории и на само 15 години дебитираше во националниот тим.


