Македонската У20 репрезентација се наоѓа пред елиминација од Европското првенство Б-дивизија откако денеска доживеа убедлив пораз од Шведска со 64-86.
Со само една победа на досегашните три меча, шансите на нашиот тим се сведени на минимум и судбината на македонската репрезентација воопшто не зависи од неа, туку од останатите резултати во групата. За да остане во игра, на Македонија ѝ е потребно Ирска да загуби од аутсајдерите Азербејџан и Словачка, а самата утре да го совлада Азербејџан.
Денеска, нашата селекција беше рамноправна само во воведниот дел од првата четвртина кога и водеше со 5-4 и 7-6. Швеѓаните брзо воспоставија контрола над играта и резултатот, а во тоа сесрдно им помага нашите кошаркари со своите почетнички грешки и загубени топки. Така, во седмата минута беше 13-7, на крајот од првата четвртина 23-16, а кон средината на вториот период и 33-19. Оттогаш до крајот Македонија не успеа да се доближи на едноцифрена негатива, а губеше и со 33 поени разлика.
Неверојатно звучат 26. загубени топки за кошаркари кои веќе играат во сениорска конкуренција од кои безмалку половина (12) на плејмејкерите. Очаен беше и шутот од дистанца кој со години беше наше најсилно оружје во сите категории, а денеска македонските младинции шутираа 5/33 за тројка. Единствениот што заслужи преодна оценка беше центарот Марко Луканоски кој оствари дабл дабл со 15 поени и 13 скока и индекс 23, убедливо највисок во македонската репрезентација.
Последниот меч од групната фаза, Македонија ќе го одигра утре од 21 часот против Азербејџан, а дотогаш ќе се знае дали воопшто има шанси за пласман во четвртфиналето.


