Синоќешната победа на Ирска против Азербејџан (54-47) дефинитивно ги поништи сите надежи на македонската младинска репрезентација за пласман во нокаут фазата од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Братислава.
На нашата селекција ѝ беше потребен триумф на Азербејџан за одржување на теоретските шанси, но тоа не се случи. Јасно е дека Македонија ќе продолжи во борба за пласман од деветтото до 16. место, но прашање е од која позиција во групата ќе тргне во следниот сегмент.
Победа вечерва против Азербејџан (21 часот) ќе ја однесе нашата репрезентација на третото место во групата што како прв противник во следната фаза ќе ѝ ја донесе Швајцарија, селекција која досега оствари една победа на четири натпревари.
Ова Европско првенство досега донесе неколку големи и пријатни изненадувања. Покрај Ирска која со синоќешниот триумф обезбеди пласман во четвртфиналето, сензација е Луксембург кој има биланс 3/0 и вечерва во директен дуел со Украина ќе се бори за првото место во групата Б.


