Младата македонска репрезентација ја оствари втората победа на Европското првенство Б-дивизија откако вечерва со голем пресврт го совлада Азербејџан со 67-57.
Нашите кошаркари се вратија по негатива од 11 разлика, одиграа фантастично второ полувреме и остварија исклучително важна победа за кревање на самодовербата. Азербејџан го диктираше темпото во првиот дел, постојано беше во водство, во воведната четвртина до 23-13, а во вториот и со 27-16.
Колку беше очајна македонската репрезентација во првото полувреме, најдобро зборува податокот дека шутот од игра изнесуваше само 16% и се мирисаше на нов неуспех. Очигледно селекторот Никола Велев го направил потребното на паузата, па во продолжение како да излезе сосема нов тим на теренот.
Откако противникот поведе со 43-32 на средина од третиот квартал, почна големиот пресврт, а клучна беше серијата од 10-0 меѓу третата и последната четвртина. Азербејџан се задржа во игра уште некое време, но со уште една низа, сега од 11-0 во финишот на мечот, нашите кошаркари ставија печат на победата.
Коста Ќирилоски со 16 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, но повторно лидер на тимот беше Марко Луканоски со 15 поени и 14 скока иако со лош шут од игра.
По новиот развој на настаните, противник на Македонија во првиот меч од борбата за пласман од 9. до 16. место ќе биде Грузија која во директниот дуел за четвртата позиција во групата Б ја совлада Естонија со 92-81.


