Германскиот репрезентативец Давид Кремер е нов играч на Црвена Звезда, објави српскиот клуб кој со ова почнува да го склопува мозаикот за новата сезона.
Станува збор за 29-годишен шутер кој има искуство во Евролигата, а последната сезона ја помина во Реал Мадрид.
„Поранешниот играч на првиот тим на Реал Мадрид и освојувач на златен медал на Светското првенство со германската репрезентација, Давид Крамер е нов играч на КК Црвена Звезда. Тој потпиша двегодишен договор со црвено-белите и пристигнува како засилување на позицијата бек шутер“, објави белградскиот клуб.
Пеколниот шутер, германски репрезентативец роден во Словачка, му е многу добро познат на новиот тренер на Звезда, Ибон Наваро, со оглед на тоа што од 2023 година до пред неколку месеци играше исклучиво во Шпанија – прво за Гранада, потоа за Тенерифе и конечно во дресот на Реал.
Крамер беше дел од тимот што ја освои титулата светски шампион во Манила 2023 година со победата над Србија. Неговото најсериозно оружје беше и останува шутот за три поени.


