Македонската кошаркарска репрезентација денеска ги доби противниците за втората претквалификациска фаза за Европското првенство што ќе се одржи во 2029 година.
Наши ривали се Кипар и Австрија и со оглед на тоа какви беа останатите групи, ова е најдобрата и најлесна можна варијанта за нашиот национален тим. Познат е и распоредот на натпреварите за овој сегмент кој директно носи во квалификациите за Еуробаскетот.
Во првото коло, на 27 август, Македонија ќе биде слободна, а својот пат го почнува три дена подоцна против Австрија на гостински терен. И во ноември ѝ претстои еден меч, дома против Кипар, а на 25 и 28 февруари 2027 година ќе ја пречека Австрија и ќе гостува на Кипар.
Пласман во главните квалификации обезбедува само првопласираната репрезентација. Другите две ќе имаат уште една шанса, во третиот циклус претквалификации, во периодот од 24 јули до 11 август.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
27.08.2026 Кипар – Австрија
30.08.2026 Австрија – Македонија
26.11.2026 Македонија – Кипар
29.11.2026 Австрија – Кипар
25.02.2027 Македонија – Австрија
28.02.2027 Кипар – Македонија


