По речиси 4,5 години суспензија, ЦСКА Москва повторно се поврзува со враќање во Евролигата, а Русите веќе разгледуваат можни модели според кои еден од сопствениците на натпреварувањето би можел да се врати на европската сцена.
Според рускиот „МачТВ“, една од опциите е московскиот гигант да ги игра своите домашни натпревари во Србија. Турција се споменува како алтернативно решение. Такво сценарио се разгледува поради очекувањето дека Евролигата, дури и ако суспензијата биде укината, нема да им дозволи на руските клубови да организираат натпревари на руска територија. Токму затоа ЦСКА бара модел што би ѝ овозможил да се врати во елитното европско натпреварување.
Можноста за враќање дополнително се актуелизираше по неодамнешното враќање на Русија во Меѓународниот олимписки комитет (МОК), што ги поттикна шпекулациите дека и статусот на руските клубови во одредени спортови би можел да се промени.
Сепак, евентуалното враќање на ЦСКА не може да се случи претстојната сезона. Списокот на учесници во Евролигата за сезоната 2026/27 е веќе комплетиран и сите 20 учесници се познати, па доколку има промена, таа би можела да стапи на сила дури од натпреварувачката 2027/28 година.
Според руските медиуми, сè уште постојат различни мислења меѓу клубовите кои имаат сопственички удел во Евролигата за враќањето на ЦСКА, па останува да се види дали московскиот клуб навистина повторно ќе биде дел од елитното европско друштво и каде, доколку е така, би ги пречекал своите ривали. Исто така, засега е нејасно што ќе се случи со другите руски клубови кои во моментот на суспензијата настапуваа во Евролигата, како Уникс и Зенит.


