Мајами Хит ноќеска ја претстави својата нова ѕвезда, грчкиот кошаркарски ас Јанис Адетокунбо кој по 13 години го напушти Милвоки Бакс и одлучи да се пресели на Флорида.
Меѓу другото, крилниот играч зборуваше за својот нов почеток со бројот 7, велејќи дека сака и со него да остави длабока трага. Јанис ја објасни трогателната приказна зад неговиот нов број и како е поврзан со неговите родители, а поточно со датумот на раѓање на неговата мајка.
„Го носев бројот 34 затоа што мајка ми е родена во 1963 година, а татко ми е роден во 1964 година. Тоа беше резултат на последните цифри од нивните години на раѓање. Ако соберете 3 и 4, добивате 7. Исто така, мајка ми е родена на 7 април, па затоа го сменив бројот.
Причината зошто навистина го променив бројот е затоа што чувствувам дека 34 има голема тежина, има голема историја и од почит кон организацијата што ме избра и за која играв 13 години, решив да го оставам тој број таму и да се обидам да започнам ново поглавје. Чувствувам дека „34“ има голема тежина и носи толку многу историја.
Се надевам дека ќе можам да оставам свој белег во Мајами и да го направам 7 легендарен како 34. Како да се затвори кругот за мене, ментално и емоционално, бидејќи тој број ми значеше многу“, објасни Гркот.
Неговиот трансфер во Мајами го одбележа досегашниот дел од преодниот рок во НБА лигата и сигурно ќе остане еден од најзабележителните во историјата на НБА.


